По повеќе од две децении, УЕФА и германскиот спортски гигант Адидас ќе ја прекинат долгогодишната соработка. Од сезоната 2027/28, официјалните топки за Лигата на шампионите и останатите натпреварувања под организација на европската куќа на фудбалот ќе ги произведува американскиот бренд Најк.
Новиот договор ќе биде со важност до 2031 година, со што ќе започне нова ера во снабдувањето со официјалните топки за европските фудбалски натпреварувања.
За Најк ова ќе биде враќање на добро позната територија, со оглед на тоа што американската компанија ги произведуваше топките за Лигата на шампионите и пред 2001 година, кога Адидас ја презеде таа улога и го промовираше препознатливиот дизајн со ѕвезди, кој со текот на годините стана заштитен знак на елитното европско натпреварување.
Инаку, Адидас се обиде да ја задржи соработката со УЕФА, а во конкуренција за договорот беше и компанијата Кипста. Сепак, најповолна се покажа понудата на Најк, кој по пауза од повеќе од 25 години повторно ќе застане зад официјалните топки на европската фудбалска сцена.