Словенечкиот стратег Матејаж Кек нема да биде нов селектор на македонската фудбалска репрезентација. Иако словенечкиот медиум „Екипа“, повикувајќи се на извори од Скопје, вчера објави дека актуелниот тренер на Риека е прв кандидат за наследник на Гоце Седлоски, самиот Кек ги демантираше таквите информации.
Во разговор за хрватскиот „Нови лист“, искусниот словенечки тренер откри дека досега немал никаков контакт со Фудбалската федерација на Македонија, ниту добил повик за евентуално преземање на националниот тим.
„Немаше никаков контакт или повик од Македонија. Ако имаше, први за тоа ќе дознаат моето семејство и претседателот на клубот, Дамир Мишковиќ. Не дојдов тука за да работам три месеци. Имаме проблеми и работиме на нивно решавање“, изјави Кек.
Инаку, Македонија под водство на Гоце Седлоски ја заврши групната фаза во Лигата на нации со разочарувачки биланс, без освоен бод и со само еден постигнат гол.