Медиумите од „островото“ пренесуваат дека Премиерлигата го прогласила Манчестер Сити за виновен за речиси сите обвиненија за прекршување на правилата за фер плје, односно за 114 од 115 обвиненија.
Се наближува епилогот на долгогодишниот случај кој ја тресе англиската фудбалска јавност. Манчестер Сити е обвинет за дури 115 прекршувања на правила за Финансиски фер плеј на Премиерлигата во периодот од 2009 до 2018 година.
„Атлетик“ попладнево излезе со сензационална информација и објави дека Манчестер Сити е прогласен за виновен по речиси сите точки поврзани со прекршувањето на правила, односно е виновен за 114 од 115 обвиненија.
Како казна, во игра се сите опции, од исфрлање во понизок ранг, до одземање на многу бодови, но во моментов нема информации за конечната одлука. Дополнително, се очекува клубот да поднесе жалба.
Од таборот на Манчестер Сити во меѓувреме реагираа со официјално соопштение, во кое нагласуваат дека постапката сè уште не е завршена.
„Постапката на Премиерлигата е во тек, а некои важни елементи сè уште треба да бидат финализирани. Поради тоа, постапката е предмет на строга доверливост. Позицијата на Манчестер Сити останува иста како онаа наведена во соопштението од февруари 2023 година“ – се вели во известувањето.
„Клубот во изминатите осум години целосно се придржуваше до утврдената процедура, со очекување дека раководството на Премиерлигата ќе постапува како независно, непристрасно и праведно регулаторно тело, без какво било пристрасно влијание“.