26-годишниот фудбалер заминува од Арсенал. Актуелниот договор на Вилшер со Арсенал истекува на крајот од јуни по што тој ќе биде слободен фудбалери и ќе се пресели во друг клуб каде што ќе биде првотимец.
„Мојата желба беше да останам во клубот, дури неодамна постигнав согласност и да ја намалам платата со цел да продолжам да бидам дел од Арсенал. Но сега останав со малку избор, одлуката да заминам ја носам од чисто фудбалски причини“, објави Вилшер на својот инстаграм профил.
„Имав состанок со новиот тренер по кој заклучив дека моето време на теренот ќе биде значително редуцирано ако останам. Сигурен сум дека сите ќе разберат дека во овој период од животот и кариерата треба да играм првотимски фудбал, и по состанокот со г-дин Емери имав чувство дека тоа ќе биде многу тешко во Арсенал.
„Сакам да им се заблагодарам на сите во клубот за се што направија за мене во изминатите 17 години, на Арсен Венгер и неговиот стручен штаб, на сите соиграчи во изминатите години, на сите во академијата кои ми помогнаа да го исполнам мојот сон и секако на фановите со кои секогаш сум имал посебен однос. Никогаш нема да можам да ја возвратам таа љубов, верност и верба која фановите секогаш ја покажуваа во мене. Ми значи многу се надевам дека во наредните години ќе можете да го прославите успехот кој го заслужувате. Ви благодарам“.
„Сакам да ја истакнам и мојата почит кон г-дин Емери и неговата искреност, да му посакам и на него и на тимот се најдобро во иднина“.
„Се чувствувам фит, подготвен и силен и ќе работам за да бидам во најдобра кондиција за престојната сезона. Сега внимателно ќе ги разгледам моите опции пред да одлучам каде ќе ја продолжам кариерата“.