Откако Ебуе се отвори за своите големи животни проблеми, само прашање на време беше од каде ќе стигне помошта за поранешниот фудбалер на Арсенал и Галатасарај.
Прв рака подаде Фатих Терим, тренерот на Галатасарај и легендата на турскиот фудбал. Според медиумите во Турција, Терим веднаш му се јавил на Ебуе и му понудил да се врати во Галатасарај како тренер во младинскиот погон.
„Веста за тоа како живее Ебуе ја слушнавме сите во соблекувалната после натпреварот со Гезтепе. Морав да реагирам“, изјави Терим по синоќешниот меч.
Ебуе ја прифатил понудата и наскоро треба да се врати во Галатасарај.
„Многу сум среќен што повторно ќе можам да работам со Терим и што ми даде задолжение во Галатасарај. Тој ми е како татко, многу го сакам и се би направил за него“, вели Ебуе.
Ебуе помина пет години како фудбалер на Галатасарај, а на почеток од неговата кариера во турскиот тим соработуваше токму со Терим кој потоа замина од клупата на клубот, за сега повторно да е тренер.