Трката за титулата во Шпанија повторно изгледа решена откако Еспањол вчера го совлада Атлетико Мадрид, а Барселона денеска победи против Реал Мадрид.
Па „Каталонците“ сега имаат +9 во однос на Атлетико и +14 во однос на Реал, кој има и еден натпревар помалку.
„Кралевите“ во овој натпревар влегоа како светски шампион, но на крајот мораа да потклекнат пред лидерот на табелата.
Во првото полувреме двете екипи имаа свои прилики но мрежите мируваа и на пауза се замина со 0-0.
Резултатот беше отворен во 54. минута по една одлична акција Роберто му асистираше на Суарез за 0-1.
По водството на Барса, играта на Реал се распадна, гостите имаа уште неколку шанси и десет минути подоцна поведоа со 0-2.
Карвахал со рака спречи гол, судијата покажа на белата точка и додели црвен картон за десниот бек, а Лео Меси прецизно биеше од 11 метри.
Нововлезениот Герет Бејл потоа пропушти добра шанса да го врати Реал Мадрид во игра, но Тер Штеген го одбрани неговиот удар од пет метри.
Точка на натпреварот стави Видал со гол во 93. минута.