Делегацијата на Динамо Загреб и Аријан Адеми денеска требаше да ја дознаат одлуката на Меѓународниот суд за спортска арбитража за тоа дали на македонскиот фудбалер ќе му биде укината долгата суспензија.
Но, тие беа известени дека конечната одлука ќе биде донесена дури на 15. февруари. Хрватските медиуми тоа го оценија како добра вест и прогнозираат дека Адеми би можел да биде ослободен.
Според неофицијални извори на „Јутарни лист“, лабараторијата во Келн каде што се правела дополнителна проверка на примерокот на Адеми, утврдила дека дозволениот лек Мегамин кој го користел фудбалерот бил загаден со Станозолом на кој падна играчот. Тоа значи дека Адеми без да знае ја земал недозволената супстанца и по таа логика би требало да биде ослободен, односно да му се укине суспензијата од четири години која му беше доделена.
Доколку македонскиот фудбалер биде комплетно ослободен, Адеми и Динамо Загреб можат да бараат оштета од УЕФА за одлежената суспензија од година и пол.
Но судот може да донесе одлука дека овие поминати 17 месеци се казната за фудбалерот кој сепак беше позитивен на допинг тестот, по што Адеми и Динамо Загреб нема да можат да бараат оштета.
Како и да е, на 15. февруари Аријан Адеми ќе дознае дали брзо ќе му се врати на фудбалот или ќе мора да ја одлежи целосната казна.