Реал Мадрид преку својата клупска телевизија побара промена на судијата Рикардо Де Бургос за финалето на Копа дел Реј против Барселона в сабота.
Тие сметаат дека судиите не се „неутрални“ и поради тоа сакаат ново делегирање од Фудбалскиот сојуз на Шпанија. Сепак, на ден пред мечот веќе одбраните судии присуствуваа на стандардната прес-конференција на која имаа свои излагања.
Судијата Де Бургос беше разочаран од нападите врз него, особено поради фактот дека тоа допрело и до неговиот малолетен син.
„Искрено, нивните видеа не ме допираат, нека прават што сакаат. Знам што треба да правам и се останато не ме интересира. Грешиме како друштво. Ова ќе има последици, не знаеме кој ги прима пораките кои беа испратени и како се толкуваат. Ќе дојде ден кога ќе се соочиме со големи проблеми. Мораме да ја запреме оваа атмосфера на судири. Кога мојот син дојде од школо и му кажале дека неговиот татко е крадец, тоа беше многу тешко. Го учам да биде чесен човек, покажувајќи му го судискиот свет. Би сакал малку да размислат сите каде води ова“, низ солзи кажа судијата.