Голманот на Андора, Хесус Овоно, бил длабоко потресен по сударот со напаѓачот на Тенерифе, Хесус де Мигел кој почина во вторникот наутро.
Според пишувањата на „АС“, голманот веднаш по инцидентот плачел и се молел во соблекувалната, бил многу потресен од случувањата. Луѓето блиски до репрезентативецот на Екваторијална Гвинеја го опишуваат како грижлива и исклучително љубезна личност, без трошка злоба.
Овоно по напуштањето на теренот бил навредуван од трибините со извици „убиец“, тој го деактивираше својот профил на Инстаграм.
Полицијата во меѓувреме отвори истрага за смртта на Де Мигел.
Несреќата се случи во понеделникот, во судиското продолжение од натпреварот меѓу Тенерифе и Андора во Сегунда. Овоно истрча од голот за да расчисти една долга топка, но со коленото го удри 30-годишниот напаѓач во главата и градите.
Голманот доби директен црвен картон, а судијата веднаш го прекинал натпреварот. Де Мигел доживеал срцев удар, по што бил реанимиран и пренесен на интензивна нега. Тенерифе во понеделникот вечерта соопшти дека неговата состојба е стабилна, но тешка. Сепак, во текот на ноќта дошло до влошување и напаѓачот почина утрово около осум часот наутро.