Најголем шок доживеа Арсенал кој беше фаворит против Ватфорд но успеа да загуби на свој терен со 2-1 и да прокоцка три планирани бода. Тотенхем не успеа во целост да го искористи киксот на Арсенал, одигра само 0-0 на гостувањето кај Сандерленд кој се бори за опстанок. Дербито помеѓу Ливерпул и Челси заврши без победник, 1-1.
Ниту една екипа од првите четири на табелата во Премиерлигата не успеа да освои три бода, а тоа им дава шанса на екипите од Манчестер да се доближат и да ја направат битката за првите позиции уште поинтересна.
Потешка задача ќе има Манчестер Сити кој му гостува на Вест Хем. Чеканите победија на двете последни средби од Премиерлигата и тоа постигнувајќи по три погодоци. Тимот на Пеп Гвардиола игра во променлива форма, па вечерашниот дуел ќе биде вистински тест за нив.
Со три освоени бода Манчестер Сити ќе остане на петтото место но ќе се изедначи бодовно со Ливерпул кој ќе има подобра гол разлика, а ќе се доближи и на само бод до Тотенхем и Арсенал.
Би било големо изненадување доколку вечерва Манчестер јунајтед не успее на Олд Трафорд да го победи последнопласираниот Хал. На тимот на Жозе Мурињо неопходни му се бодовите од овој натпревар.
Манчестер јунајтед пред само неколку дена загуби на гостувањето кај Хал со 2-1, но тоа беше пораз кој не боли, бидејќи се пласираа во финалето од Лига Купот.
Со победа на вечерашниот меч Јунајтед ќе се доближи на два бода до Ливерпул и три до Тотенхем и Арсенал, а ако градскиот ривал загуби на гостувањето кај Вест Хем, тимот на Мурињо дури може и да скокне на петтата позиција.