Екипата на Милан во следната сезона речиси сигурно ќе влезе со нов тренер, бидејќи управата не е задоволна со работата на Серџо Консеисао.
„Росонерите“ имаат лоша сезона и прашање е дали ќе се квалификуваат во Лигата на шампионите. Доколку не се случи тоа Консеисао со сигурност си оди, а само ако направи подвиг ќе има шанса да остане на клупата.
Веќе има и идеја кој може да го наследи. Во последните денови се погласно се шпекулира дека Масимилијано Алегри е изборот на управата на Милан за клупата од следната сезона. За тоа денес пишуваше и „Газета дело Спорт“. Искусниот стратег гледа добар проект и иднина со својот поранешен клуб со кој еднаш беше италијански првак.
Од друга страна од Милан во него гледаат проверено решение за Серија А и искуство кое е потребно да го „ресетира“ тимот. Алегри по заминувањето од Јувентус ги одби понудите од Ал Ахли, Рома и Вест Хем, меѓутоа би сакал да ја преземе клупата на Милан.