Светот е на чекор до нова фудбалска репрезентација. Маршалските Острови ја започнаа официјалната процедура за влез во ФИФА, со што би добиле право на настап во квалификациите за Светското првенство.
Иако овој пацифички архипелаг традиционално им даваше предност на други спортови, изминативе неколку години таму се реализира сериозен план за унапредување на фудбалот.
Фудбалската федерација на Маршалските Острови беше формирана во 2020 година, по што следуваше интензивна работа на спортската инфраструктура, формирањето младински категории и исполнувањето на стандардите за прием во меѓународните фудбалски тела. Примарната цел е полноправно членство во ФИФА.
Доколку административниот процес заврши навреме, нивниот национален состав би можел да се вклучи во борбата за Мундијалот во 2030 година. Ова би претставувало историја за малата островска држава која брои нешто над 40.000 жители.
Нивниот официјален деби-настап ќе зависи исклучиво од брзината со која ќе ги добијат меѓународните лиценци од Океанската фудбалска конфедерација (ОФЦ) и ФИФА пред почетокот на новиот квалификациски циклус.
Изминатиов период, локалниот фудбалски сојуз веќе го промовираше новиот визуелен идентитет и грбот на репрезентацијата, ги одржа првите тренинг-кампови и ги постави темелите за машката и младинските селекции.
Светското првенство во 2030 година ќе има посебна тежина бидејќи го означува јубилејот од 100 години од одржувањето на првиот Мундијал. Поради тоа, евентуалното појавување на Маршалските Острови во квалификациите би била една од најубавите и најинспиративните приказни во тој циклус.