Антонио Конте со
месеци оди по тенок мраз откако во неколку наврати јавно ја критикуваше
управата на Челси за трансфер политиката, односно засилувањата кои беа донесени
и играчите кои беа продадени.
Притисокот врз
стратегот стана уште поголем по серијата слаби резултати. „Сините“ во 2018
имаат само две победи на десет меча, а сето ова кулминираше со два порази од
три гола разлика против Борнмут и Ватфорд.
Медиумите од
„Островото“ се убедени дека Антонио Конте ќе биде следениот менаџер во
Премиерлигата кој ќе заработи отказ, шампионското проклетство демне над
стратегот.
Имено, во
последните шест години, само Мануел Пелегрини успеа да преживее откако ја освои
титулата во Премиерлигата во сезоната 2013/14.
Се започна со Роберто Манчини, кој доби отказ откако на „Граѓаните“ им ја
донесе титулата во сезоната 2011/12. Следната година Сер Алекс Фергусон замина
во пензија откако стана шампион со Манчестер јунајтед.
Жозе Мурињо го
врати трофејот на Стемфорд Бриџ во сезоната 2014/15, но седум месеци подоцна
доби отказ поради лошите резултати. Иста судбина го снајде и Клаудио Раниери,
кој на големо изненадување го предводеше Лестер до титулата во сезоната
2015/16. „Лисиците“ потоа беа само бледа сенка, им се закануваше испаѓање, па управата
на клубот ја повлече најнепопуларната одлука и му врачи отказ на Италијанецот.
Според
обложувалниците, двајца фаворити се истакнуваат како фаворити за наследник на
Антонио Конте а тоа се Луис Енрике и Карло Анчелоти.