Селекторот на Португалија, Роберто Мартинез, застана во одбрана на Кристијано Роналдо пред вечерашниот натпревар против Узбекистан на Светското првенство.
По ремито од 1-1 против Конго во првото коло, португалската јавност сè погласно го доведува во прашање местото на 41-годишниот напаѓач во стартниот тим, но Мартинез смета дека критиките се неоправдани.
„На големите турнири секогаш има притисок, анализи и различни мислења. Тоа е нормален дел од фудбалот. Ние сме обединети и посилни од кога било, а целиот фокус ни е насочен кон тимот и следниот предизвик“, изјави португалскиот стратег.
Иако Роналдо беше меѓу најзаслужните за пласманот на Португалија на Мундијалот со пет погодоци во квалификациите, тој сè уште чека на гол на последните десет натпревари на големите натпреварувања.
Мартинез потенцираше дека неговиот капитен има огромно влијание врз играта на тимот и покрај тоа што не се запишува редовно меѓу стрелците.
„Нема никакви проблеми во соблекувалната. Роналдо е пример за сите, вистински лидер и капитен. Со своето искуство и движење создава простор за соиграчите, а статистиката покажува колку придонесува за тимот“, додаде селекторот.
Тој призна дека во репрезентацијата постои разочарување по ремито со Конго, но нагласи дека тоа чувство го делат сите фудбалери и стручниот штаб.
Португалија вечерва од 19:00 часот ќе го одигра вториот натпревар на Светското првенство, а противник ќе биде селекцијата на Узбекистан.