Рекорд во Шпанија: На 70 години ќе брани на официјален натпревар

by Стефан
2 минути читање

Анхел Матеос Гонзалес кој има 70 години најверојатно ќе стане најстариот фудбалер што некогаш настапил во официјален натпревар во Шпанија. Гонзалес кој е поранешен рудар, ќе докаже дека годините се само бројка кога во недела како голман ќе биде вклучен во тимот на Колуња за натпревар против Правиана во петтата шпанска лига.

Гонзалес оваа сезона во клубот бил задолжен за поддршка и совети, помагајќи во развојот на голманите, а сега е награден со можност да испише историја во шпанскиот фудбал. Од Колуња ја повикаа јавноста неговиот настап да не го гледа како нешто невообичаено.

„Ова не е ниту поставување рекорд ниту некаква чудна појава. Ова е почит“, објави клубот на социјалните мрежи, заедно со фотографија од Гонзалес генерирана од вештачка интелигенција.

„Станува збор за човек кој бил рудар и целиот живот го посветил на работа и фудбал. Тука не се работи за бројки, туку за вредности. Кој ќе се фокусира само на неговите години, ја промашува поентата. Матеос не игра затоа што има 70 години. Игра затоа што тоа го заслужил“, додадоа од клубот.

Гонзалес за локалните медиуми изјави дека сè уште не знае дали ќе брани цел натпревар

„Оваа недела ќе тренирам со тимот, но не знам дали ќе играм 90 минути, само едно полувреме или нешто трето“, рече тој.

„Сè уште се чувствувам подвижен и брз. Кога почнував, тоа беше речиси друг спорт. Топки, терени… Се сеќавам дека покрај голот држев кофа за кога судијата не гледа да ја вадам водата од теренот кој тогаш беше речиси секогаш каллив“, се присети Гонзалес.

И покрај ова извонредно достигнување, Гонзалес нема да стане најстариот фудбалер во историјата. Таа чест му припаѓа на Исак Хаим, кој во 2019 година на 73 години настапи за израелскиот клуб Ирони Ор Јехуда. Неговиот настап е запишан и потврден во Гинисовата книга на рекорди.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×