Македонскиот репрезентативец Елмин Растодер го постигна својот прв гол во дресот на Панатинаикос и му помогна на грчкиот гигант да обезбеди пласман во третото квалификациско коло од Конференциската лига.
Напаѓачот погоди во 85. минута за 2-2 против Пакси, резултат што беше доволен Панатинаикос да ја продолжи европската авантура. По натпреварот, Растодер не го криеше задоволството што првенецот го постигнал пред домашната публика.
„Ова е голема радост за мене. Го постигнав првиот гол на нашиот стадион, пред нашите навивачи. Имав уште една добра можност и ќе бев уште посреќен ако постигнев и втор погодок. Најважно е што се пласиравме понатаму. Можеме да бидеме уште подобри. Примивме голови поради сопствени грешки и мора да ја анализираме нашата игра. Верувам дека во продолжението ќе прикажеме многу подобри изданија. Во првиот меч пропуштивме многу прилики. Ако ги искористевме, реваншот ќе изгледаше поинаку. Верувам дека ако бидеме поефикасни, работите ќе ни бидат многу полесни во следните натпревари“, изјави Растодер.
Македонецот со првиот погодок во зелено-белиот дрес најави дека може да биде важно оружје за Панатинаикос во продолжението на сезоната, а веќе во следната рунда тимот ќе се обиде да направи уште еден чекор кон групната фаза на Конференциската лига.