Првиот човек на ПСЖ се огласи за иднината на Нејмар, на потег е Бразилецот

by
2 минути читање

За можноста Нејмар предвреме да ја заврши авантурата во Париз и да се врати во Ла Лига се пишува од првите месеци на напаѓачот во дресот на ПСЖ. Оваа недела името на Бразилецот секој ден е дел од сториите на весниците од Шпанија и Франција. 

За неговата иднина кружат голем број на стории, наводно тој на блиските пријатели и соиграчи од ПСЖ им соопштил дека не планира и следната сезона да биде на „Паркот на Принцовите“. Исто така беше откриено дека Реал Мадрид веќе одржал две средби со играчот и со месеци работи на негов трансфер. 

Но „Светците“ не планираат лесно да се откажат од својата прва ѕвезда, или поточно Шеикот од Катар не сака да испадне слаб во очите на Западот со тоа што ќе мора да го продаде играчот со кој направи бум пред 12 месеци.

Ваквиот став сега го пренесе првиот човек на клубот, Насер ал Келаифи.

„Медиумите од Шпанија имаат нешто против ПСЖ. Вие (медиумите од Франција) на чија страна сте? Нормално треба да бидете со ПСЖ и сите клубови од Франција“ – вели бизнисменот од Катар.

„2000% сум сигурен дека тој ќе остане. Медиумите од Шпанија уште од октомври пишуваат за негово заминување. Не можам да одговорам на сите шпекулации, едноставно немам време. Но сигурен сум дека Нејмар ќе биде играч на ПСЖ и следната сезона“.

По ваквиот цврст став сега на потег е Нејмар. Бразилецот или ќе ја свитка опашката и ќе се помири со одлуката, или пак ќе го крене гласот и јавно ќе каже дека не е среќен во ПСЖ и сака трансфер. Напаѓачот изминативе месеци ниту еднаш јавно се нема огласено за својата иднина, и тоа само долева масло во оганот и ги подгрева шпекулациите за нов мега трансфер.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани