Приказната на Нголо Канте е неверојатна: Од шестата француска лига до шампион на Англија

by
3 минути читање

Пред шест месеци Клаудио Раниери го продаде Канте кој ја грабна можноста да работи со Конте и да го облече дресот на Челси. Додека актуелниот шампион се бори за опстанок со пет победи од 24 натпревари, тој во моментов е на добар пат втор пат по ред да стане шампион на Англија

Влијанието на Канте во изминатите 18 месеци е бесценето, но како се одвиваше скромниот почеток на кариерата на 25-годишниот Канте кој стартуваше од локалниот аматерски клуб од Суресне? Како тој успеа од играње во предградие на Париз, да ја премине реката Сена и преку Булоњ да заврши пред 41.000 гледачи на Стемфорд Бриџ?

Пред четири години Канте не беше стандарден во првиот тим на клуб од третата француска дивизија, но да почнеме од почеток на неговата неверојатна приказна.

Откако бил одбиен од неколку клубови, тогаш на 20 години Нголо Канте добил шанса во резервниот тим на Булоњ. Во тој период му помогнал на тимот да влезе во петтата дивизија. Во тоа време целта му била само да стане професионален фудбалер.

„Резервниот тим на Булоњ беше во шестата лига. Откако успеав со резервите да влезам во дивизија погоре, добив шанса и во нивниот прв тим кој тогаш играше во третата лига“ – вели Канте.

„Тогаш го напуштив моето живеалиште во Суресне и почнав да играм сериозно за Булоњ, веќе почнав да имам желба и верба дека можам да станам професионален фудбалер“.

Канте своето деби за Булоњ го имал во последното коло од Лига 2, тогаш неговиот веќе испаднат тим загубил од Монако со 2-1, тој ги одиграл последните 11 минути од мечот. Неговите вистински настапи за тимот почнуваат следната сезона во третата лига кога се изборил за стартно место во тимпот на Булоњ.

„Во Булоњ напредував многу на технички и тактички план. Во тој период не размислував на играње во Премиерлигата или нешто слично, само имав амбиција да станам професионален фудбалер и да влезам во првиот тим. Кога влегов во првиот тим, задоволството беше големо“ – вели Канте.

Во сезоната 2012/13 Булоњ заврши на 13 место, Канте пропушти само еден од 38 натпревари. Со одличните настапи почнал да го привлекува вниманието на поголемите клубови, па од следната сезона почнува да игра за Каен кој тогаш настапувал во втората лига.

Канте се покажал како еден од клучните играчи на Каен за промоција во најдобрата лига на Франција. Со овој тим има импресивни настапи и во Лига 1 следната сезона со кои му помага на тимот да остане во елитното друштво.

За период од само три години, Канте од фудбалер кој настапувал во шестата по ред француска лига, стигнува до настап во Лига 1, што е неверојатен чекор за еден фудбалер.

По одличната сезона во Лига 1 со Каен, Нголо Канте преминува во Лестер со кој ја освојува сензационалната титула во Англија, а сега е клучен играч во тимот на Челси со кој го брка својот втор трофеј во Премиерлигата по ред.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани