Интер е на чекор од реализација на трансферот на Марко Палестра од Аталанта, а според италијанските медиуми, официјалната потврда на договорот се очекува во следните 24 до 48 часа.
Агентот на младиот фудбалер, Алесандро Лучи, пристигнал во Милано за да ги заврши последните детали со раководството на Интер. Договорот би требало да биде финализиран најдоцна до среда.
Според информациите од Италија, вкупната вредност на трансферот ќе изнесува околу 50 милиони евра, вклучувајќи ги и бонусите. Во завршните разговори останува да се реши и процентот од идната продажба, кој Аталанта сака да го вметне во договорот.
Интер веќе ги договорил личните услови со 21-годишниот фудбалер, кој се очекува да потпише петгодишен договор вреден околу три милиони евра нето по сезона. Палестра во текот на преговорите ја одбил можноста да се пресели во Премиер лигата, каде интерес покажале Челси и Манчестер сити, па така Интер останал во најдобра позиција за неговиот потпис.
Двата клуба веќе ги усогласиле главните точки од договорот, а преостанатите прашања се однесуваат само на финансиските детали и нема несогласувања околу самиот трансфер.
Во Интер Палестра пристигнува по успешната позајмица во Каљари, каде што со одличните настапи го привлече вниманието и стигна до првите повици за сениорската репрезентација на Италија.