Пелистер: Поради односот на Општина Битола, клубот е приморан да игра надвор од градот

by
2 минути читање

Соопштението на ФК Пелистер ви го пренесуваме во целост:

Битола, 21/02/2017. Ја информираме целокупната спортска јавност, љубителите на фудбалот од Град Битола и навивачката група “Чкембари” дека редовниот натпревар од 20-тото коло од Прва МФЛ: ФК Пелистер Битола – ФК Брегалница Штип, закажан за 25/02/2016 година (сабота), ФК Пелистер во својство на домаќин (без присуство на публика) ќе го одигра на теренот на спортскиот центар “Атина Бојаџи” во Охрид.

 

Истовремено, информираме дека и покрај сите напори од Управата на Клубот, Раководството и Спонзорите на ФК Пелистер кои беа преземени во изминатите 2 (два) месеци во врска со навременото реновирање на соблекувалните во рамки на Градскиот стадион “Под Тумбе кафе” во Битола не вродија со плод. Сопственикот на Градскиот Стадион, Општина Битола, не снајде за сходно да одговори на Клупските повици и барања за елементарно оспособување на соблекувалните, согласно пропишаните критериуми, а се со цел – ФК Пелистер во пролетниот дел од сезоната да ги игра домашните натпревари на стадионот “Под Тумбе кафе” во Битола.

 

Оттука, за жал, само можеме да констатираме дека поради ваквиот однос на Општината кон ФК Пелистер Битола, Клубот е принуден на изнудени ад хок решенија (за играње домашни натпревари во други градови) кои се директна штета на патот кон фудбалска Европа од градот Битола – место каде што клубот природно и на секој друг начин припаѓа и треба да игра.

Тоа значи дека се до решавање на гореспоменатиот проблем со немање елементарни услови за тренирање и одигрување натпревари во Битола, ќе бидеме постојано “гости” и ќе немаме целосната предноста на домашна екипа.

 

Сепак, уверени сме дека ќе надвладее разумот и разбирањето кај Надлежните Органи во Општина Битола, како за значењето на спортот за Градот, воопшто, така и за ФК Пелистер – брендот на градот Битола.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани