Кочанскиот фудбалски клуб, ГФК Осогово промовираше две нови засилувања за наредната сезона во која ќе се води голема борба за опстанок.
Поради кратењето на лигата ќе биде потешко да се опстане во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ), па во Осогово се обидуваат да направат што е можно поконкурентен тим.
Клубот ги промовираше дефанзивецот, Христијан Митревски кој доаѓа од Башкими и голманот Филип Лазаревски кој доаѓа од Вардарски, како нови засилувања, притоа информираше и дека ги задржале сите значајни играчи од минатата сезона.
„Со задоволство ги известуваме сите наши навивачи и ја информираме спортската јавност дека плаво-жолтата фамилија е поголема за два члена.
Христијан Митревски – Ито е искусен и етаблиран дефанзивец и многу важно засилување за ГФК „Осогово“. Во нашата екипа доаѓа од новиот прволигаш „Башкими“ од Куманово.
Заедно со Ито, срдечно добродојде во Кочани му посакуваме и на искусниот голман Филип Лазаревски, кој досега настапуваше за „Вардарски“ од Богданци.
ГФК Осогово ја продолжи соработката со сите фудбалери кои го изнесоа најголемиот товар во претходната сезона“, стои во соопштението на ГФК Осогово.