Утре вечер со
почеток од 20 часот и 15 минути, нашиот шампион Шкендија го игра првиот меч
против седумкратниот велшки шампион ТНС, а мечот е предвиден да се одигра на „Националната
Арена Филип Втори“ во Скопје.
На тетовските
црвено-црни им се препиша голема фаворитска улога во овој двомеч, но шефот на
стручниот штаб на нашиот претставник, Ќатип Османи за момент ја спушти топката,
наведе дека ТНС е клуб кој со својата
историја заслужува респект, додаде дека Бесарт Ибраими се пожалил на повреда,
но очекувањата се дека тој ќе настапи.
„Бесарт се жалеше
на повреда вчера, но 90% очекуваме дека ќе игра, иако вечерва на тренингот ќе
решиме дали сигурно ќе настапи“ рече Османи.
„ТНС од Велс е
клуб кој е седумкратен шампион на таа земја, тоа е клуб кој заслужува голем
респект, имаат одиграно многу натпревари во Лигата на шампионите, но и во Лига
Европа. Ние влегуваме максимално во овој меч, со огромен респект кон
противникот. Би сакал победа без примен гол, иако желбите се да победиме
убедливо“ додаде тој.
Капитенот на
Шкендија, Арменд Алими истакна дека тимот имал добри подготовки во Словенија со
квалитетни контролни натпревари, додаде дека најидеален резултат би било победа
без примен гол.
Мечот во Скопје
ќе биде суден од кипарски арбитри, на чело на Тимотеус Кристофи.