Златан Ибрахимовиќ заминува од Манчестер јунајтед и кариерата најверојатно ќе ја продолжи во некој клуб во МЛС, се претпоставува дека тоа ќе биде ЛА Галакси.
Денеска најпрво англиските медиуми го најавија неговото заминување, а сега потврди и Манчестер јунајтед. Ибрахимовиќ преку социјалните мрежи се збогува со клубот.
„И на убавите работи им доаѓа крајот, време е за заминување по две фантастични сезони со Манчестер јунајтед. Му благодарам на клубот, на фановите, на тимот, тренерот, стручниот штаб и сите кои беа со мене во овој дел од мојата историја“, напиша Ибрахимовиќ на својот инстаграм профил.
36-годишниот Ибрахимовиќ во Манчестер јунајтед дојде од ПСЖ и постигна 29 гола на 53 натпревари за тимот од Олд Трафорд. Неговата одлична прва сезона беше стопирана од тешката повреда во април од која не успеа да се опорави и да се врати во вистинско светло.