Баерн Минхен го официјализираше трансферот на Џонатан Та, германскиот репрезентативец кој пристигнува како слободен фудбалер од редовите на шампионот Баер Леверкузен. Та кој има 29 години потпиша договор до 30 јуни 2029 година и ќе го носи дресот со број 4.
„Не е тајна дека долго време го следевме Џонатан Та. Го цениме неговиот квалитет и карактер, тој е играч кој презема одговорност. Имаше многу понуди, но се реши за Баерн, а тоа многу не радува“, изјави спортскиот директор на баварскиот гигант, Макс Еберл.
Роден во Хамбург, Та фудбалскиот пат го започна во академијата на Хамбургер СВ во 2009 година, кога имаше само 13 години. Својот деби настап за првиот тим го забележа во август 2013 година, на само 17 години и 5 месеци, со што стана најмладиот дебитант во историјата на клубот. По 20 настапи за Хамбургер, беше испратен на позајмица во Фортуна Дизелдорф, каде одигра 23 меча, по што во 2015 година потпиша со Баер Леверкузен.
Во дресот на „фармацевтите“ одигра импресивни 402 натпревари, постигна 18 голови и имаше 13 асистенции. Круна на неговата кариера со Леверкузен беше сезоната 2023/24, кога клубот ја освои двојната круна во Германија, Бундеслигата и Купот, како и Суперкупот.
Баерн со овој потег добива искусен и проверен стопер, кој ќе биде значајно засилување за одбраната на тимот од Минхен.