Откако обезбедија пласман во големото финале на Лигата на шампионите, фудбалерите на ПСЖ имаат повеќе причини за славје, а атмосферата во соблекувалната е на највисоко ниво. Француските медиуми пренесуваат дека за тоа најголема заслуга има тренерот Луис Енрике.
Според „Ле Паризиен“, шпанскиот стратег по повод својот роденден решил да го почести целиот тим и резервирал ВИП маси во луксузниот париски ресторан „Пруниер“, каде ги поканил сите играчи на свечена вечера за заедничка прослава на пласманот во финалето.
Сепак, кога ѕвездите на ПСЖ пристигнале во ресторанот, ги чекало изненадување, тренерот воопшто не се појавил. Француските медиуми наведуваат дека Енрике намерно одлучил да не присуствува, со цел играчите да имаат опуштена вечер без присуство на стручниот штаб.
Идејата, како што се наведува, била тимот дополнително да го зајакне заедништвото пред најважниот натпревар во сезоната, без притисок од „шефот“.
Овој потег уште еднаш го истакнува Енрике како тренер кој знае да ја контролира атмосферата во тимот и да гради силна тимска хемија. Сметката за вечерата, секако ја платил Енрике.
Финалето на Лигата на шампионите, во кое ПСЖ ќе игра против Арсенал, е закажано за 30 мај во Будимпешта.