За Арсенал долги
години важеше дека топ четири пласман е еднаков на титула, но во
последните две години ниту оваа цел не е достижна па многумина го кренаа гласот
против Арсен Венгер и покрај тоа што Французинот е легенда на клубот од Северен
Лондон.
Се погласни беа барањата за негово заминување, фановите беа бесни поради тоа
што Арсен Венгер не троши многу пари и на тој начин дополнително се зголемува
разликата помеѓу „Топчиите“ и останатите ривали како Манчестер Сити, Манчестер
јунајтед, Челси, Ливерпул а во последно време и Тотенхем.
Па кога оваа
недела пристигна соопштение дека стратегот заминува по крајот на сезоната,
голем дел од фановите славеа. Но тие сигурно ќе останат разочарани доколку се
покажат како точни денешните стории на медиумите од „Островото“.
Неколку весници
објавија дека новиот менаџер на Арсенал ќе има трансфер буџет од само 50
милиони фунти. На оваа сума ќе бидат додадени и сите пари кои ќе пристигнат од
продажба на играчи.
Со оглед на тоа
колку скокнаа цените во последниве години, 50 милиони фунти можеби нема да
бидат доволно ниту за едно засилување од светска класа, па се поставува
прашањето како Арсенал мисли да се бори за титулата, особено што другите нема
да престанат и ќе продолжат силно да инвестираат.
Пеп Гвардиола,
кој за две години потроши 450 милиони фунти од Сити ќе добие уште нови 200
милиони фунти за да го подобри тимот кој оваа сезона доминираше во Англија.
Мирен нема да седи ниту Мурињо, кој на располагање ќе има нови 150 милиони
фунти, а истото важи и за Клоп и Конте (или новиот менаџер на Челси).
Арсен Венгер оваа
сезона во два наврати го сруши трансфер рекордот на Арсенал, најпрво со Лаказет
а потоа и со Обамејанг. Но Французинот практично успеа да му донесе профит на
својот клуб од трансферите бидејќи потроши нешто над 100 милиони фунти, а за
возврат донесе преку 110 милиони фунти од продажбата на Окслејд Чемберлејн,
Волкот, Жиру, Кокелан, Шчезни, Паулиста и Гибс.