Борнмут со убедливата победа од 3-0 над Кристал Палас се искачи на чело во трката за шестото место во Премиер лигата, позиција што оваа сезона може да носи и изненадувачки пласман во Лигата на шампионите.
Благодарение на високиот европски коефициент, Англија доби дополнително место во елитното натпреварување, па така и петтопласираниот тим ќе обезбеди билет за ЛШ. Сценариото станува уште покомплицирано ако Астон Вила ја освои Лига Европа и воедно преку првенството се пласира во Лигата на шампионите во тој случај, и шестопласираниот тим би можел да добие место меѓу европската елита.
Тоа отвора врата за навистина необичен расплет. Според „Би-би-си“, иако малку веројатно, постои можност екипа што е шеста на табелата да има интерес дури и да загуби во последното коло, само за да обезбеди настап во Лигата на шампионите.
Во завршната рунда, Брајтон ќе го пречека Манчестер Јунајтед, додека Брентфорд ќе гостува кај Ливерпул. Во моментов, Ливерпул има предност пред Астон Вила само поради подобрата гол-разлика, а Манчестер Јунајтед е шест бода пред конкурентите.
Доколку Брајтон или Брентфорд влезат во последното коло сигурни дека ќе останат на шестата позиција дури и со пораз, токму таков исход би можел парадоксално да им донесе пласман во Лигата на шампионите, наместо во Лига Европа.