Натпреварот помеѓу Барселона и Челси требаше да биде дерби, но каталонскиот тим многу рано ги откажа Лондончани.
Само по три минути игра одлична акција на Барселона, Суарез асистираше до Лео Меси а тој ја протна топката меѓу нозете на Куртоа и погоди за водство од 1-0.
Веќе во 20. минута беше 2-0. Соло акција на Меси и асистенција до Дембеле кој реализираше за водство на Барселона од 2-0.
Во продолжението на натпреварот Челси се обидуваше да се врати во игра, но тешко му одеше. Алонсо ја погоди и стативата, но не и мрежата на Барселона.
Точка на натпреварот стави Меси во 63. минута кој уште еднаш ја протна топката меѓу нозете на Куртоа и ги постави конечните 3-0.
Барселона сосема заслужено се пласира меѓу најдобрите осум, Челси ќе треба да се фокусира на домашното првенство каде ќе има тешка мисија да се пласира меѓу четирите најдобри.
Претходно Баерн Минхен со 3-1 го победи Бешикташ и го потврди пласманот во четвртфиналето од Лигата на шампионите.