Жозе Мурињо веќе го има финалето од ФА Купот во своите мисли па вечерва направи големи промени во составот за средбата на Олимпискиот Стадион во Лондон против Вест Хем.
Ниту пак „Чеканите“ имаа желба за надигрување, па двата клуба приредија еден прилично досаден натпревар. Во првото полувреме имаше неколку возбудувања, а во вторите 45 минути љубителите на фудбалот најголемата акција ја видоа на средината од теренот кога Нобл го фати Погба за врат по еден старт на Французинот од зад грб.
Ремито значеше дека Манчестер јунајтед ја осигура втората позиција на табелата, а на резултатот 0-0 најмногу му се израдува Давид де Хеа. За голманот ова беше 18 натпревар на кој ја сочува својата мрежа и стигна до првиот трофеј „Златна ракавица“.