Македонските фудбалери успешно ја завршија задачата против Гибралтар, со офанзивна игра во текот на сите 90 минути дојдоа до очекуваната победа и ја остварија целта во групната фаза од Лигата на нации.
Македонија по почетниот свиреж на судијата веднаш тргна во напад и веќе по неколку секунди можеше да даде гол, но одбраната на Гибралтар го блокираше шутот на Несторовски.
Се редеа нападите на Македонија, во 11. минута Тричковски се најде блиску до голот на Гибралтар, биеше од косо, но голманот го одбрани неговиот удар.
Резултатот беше отворен во 27. минута кога Барди продре убаво по левата страна, мина еден од дефанзивците на противникот и прекрасно пласираше во мрежата на Гибралтар за водство на Македонија од 1-0.
Македонија продолжи да напаѓа, но Гибралтар преку две контри создаде две убави шанси кои за среќа не беа реализирани.
Во финишот од првиот дел, Тричковски уште еднаш се најде во убава шанса, неговиот шут заврши крај голот на гостите.
Сликата од првиот дел беше пренесена и во второто полувреме, Македонија напаѓаше, целта на Гибралтар беше да прими помалку голови.
Во 52. минута Тричковски и по трет пат се најде во одлична шанса, неговиот шут од идеална позиција заврши над голот на голманот Кафер.
Десет минути подоцна Илија Несторовски биеше со глава, го совлада голманот на Гибралтар но топката ја погоди десната статива.
По неколку пропуштени шанси конечно Македонија поведе со 2-0, во 67. минута Ристевски убаво нафрли од левата страна, Несторовски со глава постигна гол за водство од 2-0.
Неколку минути подоцна Елиф Елмас имаше убава шанса да го постигне својот деби гол за сениорската репрезентација на Македонија но неговиот удар од убава позиција заврши над голот.
На десет минути пред крајот Илија Несторовски од 16 метри постигна прекрасен гол за убедливо водство на Македонија од 3-0.
Во судиското продолжение Трајковски постигна убав гол за конечни Македонија – Гибралтар 4-0.
Со оваа победа Македонија на првото место ги заврши натпреварите во својата група од Лига Д и полуфиналето ќе го игра на домашен терен, утре ќе дознаеме дали тоа ќе биде со селекцијата Косово или Белорусија. Покрај тоа нашата репрезентација во следното издание на Лигата на нации ќе игра во во ранг погоре, Лига Ц.