Костадинов: Времето е кратко, овие натпревари ќе бидат вистински тест за нас

by Стефан
2 минути читање

Македонската фудбалска репрезентација на 26 септември во Скопје против Швајцарија го отвора циклусот во Лигата Б. По домашната премиера, избраниците на Гоце Седлоски ги очекува исклучително густ распоред, гостување кај Словенија на 29 септември, домашен дуел со Шкотска на 3 октомври и втор натпревар со Швајцарија, на 6 октомври во Луцерн.

За македонските фудбалери тоа ќе биде сериозен физички и тактички предизвик, со оглед на тоа што во само 11 дена ќе одиграат четири натпревари. Тихомир Костадинов смета дека во таков распоред особено важни ќе бидат максималната ангажираност на секој тренинг и широчината на играчкиот кадар.

„Треба да бидеме максимално подготвени на секој тренинг. Времето за подготовка е кратко, а нè очекуваат четири натпревари за 11 дена. Мислам дека имаме доволно голема група играчи кои можат да настапат и да го дадат максимумот. Само така можеме да бидеме успешни на сите натпревари и да се покажеме во добро светло“, вели Костадинов.

За македонскиот репрезентативец, претстојниот циклус ќе биде добра можност да се види на кое ниво се наоѓа националниот тим во дуелите со силни европски селекции.

„Ова за нас ќе биде вистински тест за да видиме до каде сме во моментов и да покажеме дека можеме да се носиме со овие репрезентации. Секако, можам да кажам дека сите останати репрезентации се фаворити, но тоа не значи ништо. Сè ќе се покаже на теренот. Мора да го дадеме максимумот на секој натпревар и верувам дека ќе се покажеме во добро светло“, додава Костадинов.

Тој потенцира дека одговорноста не смее да биде поделена само на одбраната или нападот. Според него, целата екипа мора да функционира како едно и во двата правци.

„И во офанзивата и во дефанзивата сите треба да работиме како едно. Може да се постигне гол од прекин, може и дефанзивец да биде стрелец. Лично мислам дека од нападот почнува одбраната, но и од одбраната почнува нападот. Сите 11 играчи, освен Столе, можат да го загрозат противничкиот гол“, вели репрезентативецот.

Создавањето шанси и реализацијата ќе бидат меѓу клучните задачи на Македонија во овој циклус. Костадинов најавува дека токму на тоа ќе се работи во подготовките.

„Секако дека ќе работиме на тоа, да создадеме што повеќе шанси и да постигнуваме голови. Мислам дека овие четири натпревари ќе бидат вистински тест за тоа“, заклучува Костадинов.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×