Македонската фудбалска репрезентација одигра одличен меч против Лихтенштајн кој не беше рамноправен противник. Избраниците на селекторот Игор Ангеловски доминираа во текот на сите 90 минути и на крајот сосема заслужено стигнаа до новиот триумф.
Македонија одлично го почна натпреварот, нападнавме уште од првата минута. Барди се обиде со шут од далечина во шестата минута, но биеше во средината од голот, тоа беше лесен плен за голманот Бихел, но и најава за она што следи.
Во десетата минута прекрасна акција на Македонија, Пандев асистираше до Александар Трајковски кој постигна гол за водство од 1-0.
Четири минути подоцна уште една убава акција, Пандев додаде до Алиоски кој асистираше до Хасани, но тој од само неколку метри го префрли голот.
Во продолжение се обидоа Трајковски и Пандев, но и двајцата беа непрецизни, сепак не се чекаше многу на вториот погодок.
Во 30. минута уште еднаш во главна улога истите актери, Пандев му асистира на Трајковски кој постигнува втор гол за водство од 2-0.
Само пет минути подоцна, Барди шутираше силно од слободен удар, голманот Бихел ја одби топката која дојде до Пандев а тој со силен удар зголеми на 3-0.
Но, Лихтенштајн во својата прва акција по примениот гол искористи едно невнимание на нашата одбрана, Муслиу киксираше, а Јилдиз погоди за намалување на резултатот на 3-1.
Во второто полувреме иста слика, Македонија напаѓаше, Лихтенштајн се трудеше да прими што е можно помалку голови.
Во почетните минути од вториот дел Илија Несторовски пропушти огромна шанса за гол, беше во идеална позиција, но ја промаши топката и приликата пропадна.
Четвртиот гол за Македонија падна во 67. минута, кога Алиоски по соло продор од десната страна шутираше прецизно за водство на нашата селекција од 4-1.
Македонските фудбалери рутински со постојана иницијатива го приведоа мечот до крај и заслужено се радуваа на третиот триумф по ред во Лигата на нации.
По оваа победа на Македонија и се потребни уште четири бода во последните три кола за да го завери првото место во четвртата група од Д лигата. Првиот меч е веќе во вторник кога и гостуваме на селекцијата на Ерменија.