Македонските фудбалери доживеаа непријатен пораз во Ереван кој значеше спуштање на земја по серијата победи кои ги имавме. Тој натпревар можеби дојде во вистинско време и треба да влијае позитивно, отрезнувачки пред клучните дуели од Лигата на нации.
Потребни ни се четири бода за да го завериме првото место во групата и да ја продолжиме борбата за пласман на Европско првенство, но ни требаат две победи за да бидеме меѓу најдобрите две првопласирани селекции, а тоа ќе ни овозможи полуфиналето да го играме дома.
Македонија вечерва му гостува на Лихтенштајн, добро познат противник од кој сме значително посилни, но фаворитската улога мора да се оправда на терен, а таквите натпревари во минатото за нас знаеле да бидат исклучително тешки.
„Ќе изберам 11 фудбалери кои треба да ни донесат победа. Верував во оваа репрезентација кога малкумина веруваа. Не е важно против кого играме, туку за што играме. А, сега играме за голема цел. Сите се добро подготвени, па така и Столе Димитриевски. Јас кажав дека тој е прв голман, тој брани во Примера и воопшто не се сомневам ни во него, ни во останатите. Наша цел беше да дојдеме неколку дена порано и да се аклиматизираме, но и да го избегнеме дополнителниот напор на пристигнување до Скопје, изјави Ангеловски.
Димитриевски и покрај очајниот натпревар во Ерменија, засега го сочува стартното место во репрезентацијата. Ангеловски за мечот со Лихтенштајн нема да смета на Алиоски и Елмас кои се суспендирани, па тие ќе бидат во комбинација само за натпреварот против Гибралтар. Во составот не е ниту Стефан Ристовски кој е повреден.
Лихтенштајн е противник против кој имаме одличен скор, ја имаме остварено и највисоката победа во историјата, триумфот од 11:1 во Вадуц кој не се заборава. Во скупно осум одиграни меча со нив, имаме седум победи и едно реми со гол разлика од 31:5.
„Поразот во Ерменија беше една лоша вечер за нас, но и за судијата. Но, сега мислеме на Лихтенштајн. Добро се познаваме, често играме против нив во последните години и мислам дека ако одиграме како што знаеме, нема да имаме проблеми. Уште сме први во групата и не знам зошто толку трагично во нашата земја беше сфатен овој пораз. Ова е нашата најквалитетна селекција и тоа ќе го докажеме. Само да влеземе со чисти глави и нема да имаме никакви проблеми. Разликата од 100 места на ФИФА листата со Лихтенштајн не мора ништо да значи. Пред три години бевме многу блиски до нив, па направивме позитивна серија и се искачивме многу повисоко. Најважни се три бода, без разлика со кој резултат, и в понеделник да го прославиме првото место во групата, изјави Пандев.
Македонија традционално во Вадуц има поддршка од наши навивачи кои живеат во соседните земји на Лихтенштајн, се очекува и вечерва да биде така, минимум 500 Македонци ќе ја бодрат нашата селекција.
Натпреварот меѓу Лихтенштајн и Македонија почнува во 20:45 часот.