Ливерпул дојде до
посакуваниот триумф над Рома во првата пресметка од полуфиналната рунда во
Лигата на шампионите, но, поучени од тоа што и се стори на Барселона на
реваншот во Рим, откако Каталонците на тоа гостување отпатуваа со предност од
4-1 на домашен терен, па загубија со 3-0, ќе мораат да бидат мошне внимателни
со незгодниот италијански тим.
„Скај Италија“
пренесува дека англиската екипа ќе го користи тренинг центарот на Лацио, лутиот
ривал на Рома, како место каде ќе се подготвува за реваншот против Римската
волчица, а сево ова дошло по интервенцијата на Лукас Леива, поранешниот
фудбалер на Ливерпул, моментално игра во дресот на Лацио.
Леива посредувал
во целата ситуација за да дојде до конечен договор помеѓу обата клуба, а тимот
на Јирген Клоп ќе има можност два дена под рефлектори да се подготвува за големата
битка за пласман во големото финале од Лигата на шампионите.
Интересно е тоа
што ова не е нешто ново кога станува збор за Лацио, најлутиот ривал на Рома
истото го стори и за Манчестер Сити, кога овосезонскиот англиски првак требаше
да ги одмери силите со Рома во Лигата на шампионите, сезоната 2013/14.
Реванш
пресметката во Рим на Олимпико е предвидена да се одигра идната среда.