Актуелниот европски шампион, Реал Мадрид одигра многу сигурен меч во Париз и не дозволи богатиот ПСЖ да се понадева дека може да се пласира меѓу осумте најдобри.
Реал Мадрид победи со 2-1 и со вкупни 5-2 се пласираше во четвртфиналето од Лигата на шампионите.
Првото полувреме помина во рамноправна игра, ПСЖ јалово се обидуваше да дојде во водство до кое поблиску беше Реал Мадрид.
Резултатот беше отворен по шест минути игра во второто полувреме кога по асистенција од Лукас, Роналдо постигна гол за водство на Реал Мадрид од 1-0.
15 минути подоцна Верати направи голема глупост, сосема непотребно протестираше кон судијата кој веднаш му покажа втор жолт картон, ПСЖ остана со фудбалер помалку.
Во 71. минута Кавани постигна среќен гол и го изедначи резултатот, но на десет минути пред крајот Касемиро исто така со многу среќа реализираше за победа на Реал Мадрид од 2-1.
Пласман во четвртфиналето обезбеди и Ливерпул кој вечерва одигра 0-0 на Енфилд против Порто, но во Португалија славеше со 5-0 и уште тогаш го реши прашањето околу победникот.
Во утрешните осминафинални дуели Манчестер Сити го пречекува Базел, Тотнем игра со Јувентус.