Косово е нашиот
следен противник во најновото натпреварување под капата на УЕФА, Лигата на
нации, која несомнено ни дава голема надеж за испишување историја, односно пласман
на еден континентален шампионат, поточно, Европското првенство идната година.
Дуелот од
полуфиналето во Лига „Д“ од Лигата на нации е предвиден да се одигра во март
идната година, Косово со последната убедлива победа од 4-0 на домашен терен
против Азербејџан, ја мина во однос на бодовите Белорусија, и закажа пресметка
токму против нашата селекција.
Нашиот сосед во
рамките на групата „3“ заврши на првото место со 14 освоени бодови, односно
четири победи и две ремија, без пораз, а за противници во оваа конкуренција ги
имаше Азербејџан (9), Фарските Острови (5) и Малта (3).
Еве ги нивните
резултати од натпреварите во таа конкуренција:
Азербејџан –
Косово 0:0
Косово – Фарските
Острови 2:0
Косово – Малта 3:1
Фарските Острови –
Косово 1:1
Малта – Косово 0:5
Косово –
Азербејџан 4:0
Од сево ова ќе
утврдиме дека нашиот противник има многу мотивација во себе за да дојде до
историски пласман на Европското првенство, сигурно дека на избраниците на
Ангеловски нема да им биде лесно против екипата која ќе сака уште повеќе да се
докажува.
Дека нема да биде
туку-така лесно говори и нивниот состав кој котира солидно на Transfermarkt, порталот кој нуди „ценовник“ на
фудбалери, екипи, репрезентации и слично, односно ја претставува вредноста на
трансфер пазарот на истите.
Косово со
репрезентативен состав од 23 фудбалери (колку што има и нашата селекција на
истиот) има вредност од 38,28 милиони евра, како за илустрација, нашиот состав има
вредност од 38,49 милиони евра (34.29 милиони фунти)
Истиот реномиран
портал најголема вредност му дава на фудбалерот од средниот ред на Лацио, 25
годишниот Валон Бериша со вредност од 9 милиони евра, во нашиот состав
најголема вредност има Енис Барди со десет милиони евра (9 милиони фунти).
Младото 22
годишно крило од Вердер, Милот Рашица со 7 милиони евра е втор во составот на
Косово според вредноста на трансфер пазарот, во нашиот состав на второто место
се наоѓа Аријан Адеми со 4,5 милиони евра (4,05 милиони фунти).
Македонија ќе
биде домаќин на полуфиналниот меч против Косово, но, останува отворено
прашањето каде ќе се одигра таа пресметка.