Фудбалерите на Комо ставија крај на малата резултатска криза и по три меча без победа повторно се радуваа на три бода, откако на гостувањето кај Џенова триумфираа со сигурни 2-0.
Тимот предводен од Фабрегас прикажа поквалитетна игра и заслужено стигна до водство уште во раната фаза од натпреварот. По само десетина минути игра, Дувикас со удар со глава ја затресе мрежата на домаќините и го отвори резултатот.
До паузата тоа беше единствениот погодок, а во второто полувреме Комо ја потврди надмоќта. По нешто повеќе од еден час игра, Диао ја завери победата поставувајќи ги конечните 2-0.
Со овие три бода, Комо се израмни со Рома на табелата, двете екипи имаат по 61 бод и се наоѓаат на петтото и шестото место. Пред нив е Јувентус со 63 бодови, но „старата дама“ допрва треба да го одигра својот натпревар од колото и тоа на гости кај Милан.