На 22 септември ќе се одржи големата гала вечер на „France Football“, каде ќе се доделуваат најпрестижните индивидуални признанија во светот на фудбалот, меѓу кои и 69. издание на Златната топка. Иако официјалната листа на кандидати ќе биде објавена во август, обложувалниците веќе ги одредија главните фаворити.
Прв на таа листа е Усман Дембеле, кој според квотите има дури 70% шанси да ја освои наградата. Францускиот крилен напаѓач одигра блескава сезона во дресот на ПСЖ, каде постигна 33 гола и запиша 15 асистенции во сите натпреварувања. Ако „триколорите“ ја освојат Лигата на нации во јуни, Дембеле дополнително ќе го зацврсти својот случај.
Ламин Јамал е единствениот кој се смета за вистинска конкуренција. Младата ѕвезда на Барселона блесна со 18 гола и 25 асистенции, предводејќи го клубот до двојна круна во Шпанија. Но и покрај тоа, неговите шанси според букмејкерите не надминуваат 20 отсто. Сите останати кандидати се далеку зад нив, со индивидуални шанси под 7 отсто. Дали ќе има изненадување или Златната топка ќе заврши кај еден од овие двајца – ќе биде познато оваа есен во Париз.
- Коефициенти за освојување на Златната топка:
Осман Дембеле – 1,4
Ламин Јамал – 3,75
Мохамед Салах – 13
Рафиња – 13
Квича Кварацкелија – 15
Лаутаро Мартинез – 26
Дезире Дуе – 34