Дани Себаљос е на излезна врата од Реал Мадрид, откако, според шпанските медиуми, е незадоволен од односот и третманот што го добива од тренерот Алваро Арбелоа.
Незадоволството не е ново, бидејќи и претходно се шпекулираше дека дел од поискусните играчи во соблекувалната, меѓу кои и Дани Карвахал, не се задоволни од начинот на кој Арбелоа раководи со тимот, што дополнително ја подгрева желбата за заминување.
Договорот на Карвахал истекува на 30 јуни и неговото заминување изгледа речиси сигурно, додека Себаљос има уште една година од актуелниот договор, но поради ограничената минутажа веќе размислува да ја промени средината ова лето.
Во пресрет на натпреварот против Еспањол, Арбелоа кратко се осврна на ситуацијата, потенцирајќи дека нема намера јавно да дискутира за односите во тимот.
„Нема јавно да водам дебати ниту да ги откривам односите со играчите. Првото што го научив од ветераните кога дојдов како играч во Реал Мадрид е дека сè што се случува во соблекувалната, останува таму“, изјави Арбелоа.
Себаљос во Реал Мадрид пристигна од Бетис во летото 2017 година, по што замина на позајмица во Арсенал, а во мадридскиот клуб се врати во 2021 година.