Пари Сен Жермен конечно го дочека моментот за кој сонуваше со децении и со убедлива победа над Интер од 5-0 во саботата за првпат дојде до најпосакуваниот европски трофеј. .
Финалето во Минхен беше вистински дебакл за Интер, а ПСЖ ја заокружи фантастичната сезона во која ги освои сите трофеи.
Најголемиот херој на ова историско финале беше 19-годишниот Дезире Дуе, кој со својата игра го освои вниманието на цела Европа. Младиот напаѓач прво асистираше за водство, а потоа постигна два гола, освојувајќи ги срцата на навивачите и медиумите.
Дуе, кој минатото лето пристигна од Рен за 50 милиони евра, денес важи за едно од најбараните имиња во светскиот фудбал. Малкумина очекуваа ваков ефект, меѓутоа имаше и такви што веруваа. Еден од нив беше реномираниот новинар на „Л’Eкип“e“ и соработник на „Гардијан“, Филип Оклер, кој уште на почетокот на сезоната тврдеше дека ПСЖ не изгубил многу со заминувањето на Килијан Мбапе во Реал Мадрид.
Во едно свое гостување во подкаст, Оклер дури изјави дека Дуе е „поопасен, помлад и погладен“ од Мбапе и дека ПСЖ ќе биде подобар тим со него. Тогаш неговите зборови беа дочекани со потсмев, навреди, па дури и критики од навивачи на ПСЖ кои сметаа дека станува збор за обичен ПР на клубот.
Но, нешто помалку од една година подоцна, неговата прогноза се покажа како точна. На социјалните мрежи сега му се извинуваат и му честитаат што ја препозна младата ѕвезда.
Фото. PSG