Актуелната генерација на Милан го бележи најслабиот учинок во овој дел од сезоната во последните десет години. Поразот од Аталанта (0-1) беше десетти оваа сезона во само 32 натпревари, а „росонерите“ моментално се на деветтото место на табелата – позиција која, ако ништо друго, барем е сигурна до крајот на првенството бидејќи десеттиот Торино заостанува 11 бода. Сепак, за клуб со историја и амбиции како Милан, ваков пласман е вистинска катастрофа.
Последен пат кога „црвено-црните“ стоеле вака лошо по 32 кола било во сезоната 2014/15, кога под водство на Филипо Инзаги имаа освоено само 43 бода. Таа сезона ја завршија на 10. место – нешто што во моментов изгледа како сценарио што може и да се повтори.
Сега имаат 51 бод, што е далеку од доволно за сериозна борба за Европа, а уште повеќе за Скудетото. Минатата сезона Милан ја заврши како второпласиран под водство на Стефано Пиоли – пласман кој сега изгледа речиси недостижен. Промените во раководството и на клупата, како и неуспешните трансфери, се покажаа како потези кои повеќе му наштетија отколку што му помогнаа на тимот.
Трофејот во Суперкупот, кој дојде веднаш по назначувањето на Сержио Консеисао на местото на Фонсека, само краткорочно ги замагли вистинските проблеми. Оттогаш, Милан изгледа како тим кој добива „шлаканица“ по „шлаканица“ – особено против посериозните ривали.
Податокот што најдобро ја илустрира лимитираноста на составот е следниот: од можни 42 бода против екипите што се над нив на табелата, Милан освоил само 8. И тоа зборува многу.
ФОТО/PHOTO: AC Milan/Twitter