Колумбискиот напаѓач Џон Дуран и во наредната сезона ќе го носи дресот на Бенфика, откако португалскиот гигант го ангажираше на едногодишна позајмица од Ал Наср.
Доколку нешто ја одбележува неговата кариера, тоа се честите трансфери. Од 2019 година, кога имаше само 15 и пол години, па до денес, Дуран промени дури шест клуба, а Бенфика ќе биде седмиот во неговата професионална кариера.
Бенфика ќе му исплати на Ал Наср шест милиони евра за позајмицата, а договорот вклучува и можност за целосен откуп на крајот од сезоната за 30 милиони евра.
„Среќен сум! Кариерата ја продолжувам во најголемиот португалски клуб. Благодарен сум што сум тука. Имам големи очекувања, сакам да играм и да станам шампион“, изјави Дуран по потпишувањето.
Професионалната кариера ја започна во колумбискиот Енвигадо, од каде што во 2022 година се пресели во американскиот Чикаго Фајер.
Вистинскиот „ролеркостер“ започна во јануари 2023 година, кога потпиша за Астон Вила. Во англискиот клуб се истакна како ефикасен „џокер“ од клупата, а по две години, во јануари 2025 година, направи трансфер во Ал Наср.
Сепак, не успеа да биде дел од тимот кога клубот конечно ја освои шампионската титула, бидејќи минатата сезона ја мина на позајмици во Фенербахче и Зенит.