Иднината на Симоне Инзаги е неизвесна, особено по неговата изјава по финалето против ПСЖ во кое Интер беше понижен од францускиот тим.
Инзаги има понуда на маса од Ал-Хилал од која боли глава. Саудијците му нудат 30 милиони евра по сезона.
Една негова изјава по мечот дополнително ги подгреа гласините дека ќе замине.
„Не сум сигурен дали јас ќе го водам Интер на Светското клупско првенство. Не ми изгледа правилно да зборувам сега за мојата иднина. На прес-конференцијата сум од почит и култура, овој пораз ме прави тажен“, рече Инзаги.
„Дали ова беше мојот последен меч со Интер? Ќе видиме. Разочарувањето е преголемо во моментов. Во наредните денови ќе се сретнам со клубот“.
Претседателот на Интер, Бепе Марота вели дека од Инзаги ќе зависи дали ќе остане или не.
„Дали ова ги менува работите за Инзаги? Не. Ќе се сретнам со него наредната недела. Тој има уште една година од договорот и покажа дека е вистински човек за работата. Овој пораз не менува ништо. Како и да е, ќе имаме состанок. Ако тој сака и има намера да продолжи, ние би бие среќни“, вели Марота.
Новинарот на „Скај Спорт Италија“, Џанлука Ди Марцио пишува дека ако Инзаги замине од Интер, клубот ќе ангажира помлад тренер. Има три опции, Роберто де Зерби, Сеск Фабрегас и Кристијан Киву.