Инзаги најави добри вести за Интер пред реваншот со Барселона

by Стефан
1 минути читање

Шефот на стручниот штаб на Интер, Симоне Инзаги, изрази умерен оптимизам кога станува збор за здравствената состојба на неговите фудбалери пред реваншот од полуфиналето во Лигата на шампионите против Барселона.

Најголемите дилеми за „нераѕурите“ се поврзани со Аргентинецот Лаутаро Мартинез и Французинот Бенжамин Павар. Двајцата клучни фудбалери се соочуваат со повреди, но според најавите на Инзаги, постои надеж дека ќе бидат подготвени за големиот дуел.

Мартинез се повреди во првото полувреме на првиот натпревар на „Монжуик“, кој заврши со резултат 3-3, додека Павар има проблеми со зглобот што ги почувствувал пред заминувањето во Шпанија.

„Мотивацијата е клучна, но сè зависи од тоа како тие лично се чувствуваат. Павар вчера тренираше со дел од тимот и впечатокот е позитивен. Лаутаро е надвор од теренот од средата, но ќе работи со нас пред натпреварот, по што ќе донесеме одлука заедно со стручниот штаб“, изјави Инзаги за „Скај Спорт Италија“.

Дополнителна причина за загриженост кај стратегот на Интер е веста дека напаѓачот на Барселона, Роберт Левандовски, се враќа во тимот и ќе биде дел од составот што патува за Милано.

Реваншот на стадионот „Џузепе Меаца“ е закажан за вторник со почеток во 21 часот, а двата тима ќе се борат за финале по возбудливото реми во првиот меч.

Фото: Inter/X

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2025 – Сите права задржани