Андрес Иниеста ги игра последните натпревари за Барселона, легендата го напушта Камп Ноу. Во младинскиот погон на Каталонците пристигна во 1996 година од Албасете и по цели 22 години го напушта клубот.
„Ова е мојата последна сезона тука. Долго размислував за оваа одлука. За мене Барса е најдобриот клуб во светот, овој клуб ми даде се“, изјави Иниеста на прес конференцијата.
„Би сакал да им се заблагодарам на моите соиграчи и сите кои ме придружуваа секој ден, тие ме направија подобар. Тоа беше остварување на сонот, многу титули, важни моменти во кариерата. Многу сум среќен што играв за овој клуб. Горд сум“.
Иниеста кој наскоро ќе наполни 34 години најави дека по крајот на сезоната ќе соопшти каде ќе ја продолжи кариерата но тоа сигурно нема да биде во Европа бидејќи не сака да игра против Барселона.
Иниеста како фудбалер на Барселона освои осум титули во Примера, оваа сезона ќе ја зграпчи и деветата. Четири пати триумфираше во Лигата на шампионите.