Легендарниот шведски фудбалер Златан Ибрахимовиќ го издвои Ламин Јамал, како играчот кого најмногу сака да го гледа на Светското првенство. Според Ибрахимовиќ, станува збор за фудбалер со редок талент, поради кого вреди да се купи билет без разлика на неговата цена.
Говорејќи за влијанието што 18-годишниот крилен напаѓач го има врз играта, Ибрахимовиќ истакна дека Јамал е еден од оние играчи кои самостојно можат да го направат натпреварот вистинско уживање за гледачите.
„Ламин Јамал е посебен играч. Тој е фудбалер поради кого ги плаќате и најскапите билети, играч поради кого доаѓате на стадион и едноставно уживате во целото искуство“, изјави Ибрахимовиќ.
Швеѓанецот нагласи дека настапите на Јамал во живо оставаат уште посилен впечаток отколку оние што можат да се видат на телевизија.
„На телевизија изгледа одлично и посебно, но кога ќе го гледате одблизу, тогаш уште повеќе се забележува неговиот квалитет. Неверојатно е што на само 18 години игра на такво ниво. Секој негов допир со топката покажува дека е различен од останатите. Контролата на топката, дриблинзите, чувството за гол, сето тоа го прави исклучителен. Затоа моите најголеми очекувања за убав и атрактивен фудбал се поврзани токму со него“, додаде Ибрахимовиќ.
Инаку, Шпанија својот прв натпревар на Светското првенство ќе го одигра против Зеленортските Острови, а средбата е закажана за 18 часот во Атланта.