Манчестер Сити го доби големото градско дерби против Манчестер јунајтед, славејќи со минимални 0-1 на „Олд Трафорд“. „Граѓаните“ поголем дел од натпреварот играа со играч помалку, но и покрај тоа успеаја да стигнат до голем триумф на гостински терен.
Првото полувреме не понуди премногу возбудувања, а двете екипи тешко создаваа сериозни прилики. Се играше 23-тата минута кога Фил Фоден заработи директен црвен картон по дуелот со Бруно Фернандеш. Англичанецот непромислено реагираше, додека капитенот на Јунајтед остана без казна, иако и неговата реакција беше на границата на дозволеното.
Со играч повеќе, домаќинот очекувано ја презеде контролата и во вториот дел Јунајтед имаше две огромни шанси за водство. Рашфорд и Мејну ја погодија рамката од голот на Донарума, пропуштајќи идеална можност да ја материјализираат бројчаната предност.
И тогаш следуваше казната. Во 60. минута, практично од првата сериозна прилика, Ерлинг Халанд го совлада Ламенс и донесе водство од 0-1 за Сити.
Голот предизвика дополнителни реакции поради позицијата на Енцо Фернандез, кој при нафрлањето се најде во очигледен офсајд. Сепак, Аргентинецот не ја допре топката, а по ВАР-проверката беше проценето дека не влијаел врз играта, па погодокот беше признат.
Халанд со овој гол стигна до бројката од девет погодоци во манчестерските дербија и ги надмина легендарните Серхио Агуеро и Вејн Руни, кои постигнале по осум.
Во финишот Јунајтед тргна на сè или ништо и со сите сили се обиде да избегне пораз. Најблиску до израмнување беше Брајан Мбеумо, кој излезе очи в очи со Донарума, но италијанскиот голман со извонредна одбрана го спаси својот тим. Сити успеа да ја сочува минималната предност до самиот крај и да оствари голема победа на „Олд Трафорд“, иако повеќе од еден час играше со десетмина.
The master finish from ERLING HAALAND 🔥 has put Man City ahead of the Man United, despite Phil Foden having been sent off with a red card. This appears to be the winning goal of the match. #MUNMCI https://t.co/pIX0kTLPsz
— Mao Junior (@Mao_Azania) September 13, 2026