Голем спектакл на повидок: Роналдо и Меси во ист тим – најавен е и датумот!

by Стефан
1 минути читање

Карлос Тевез има голема желба за својот проштален натпревар да ги спои Лионел Меси и Кристијано Роналдо во ист тим. Двете најголеми фудбалски ѕвезди на модерната ера би можеле за првпат во кариерата да заиграат заедно, и тоа на легендарната „Ла Бомбоњера“ во Буенос Аирес.

Аргентинскиот ас планира голем фудбалски спектакл на 19 декември годинава, на кој сака да ги собере најголемите имиња со кои ги делел теренот и соблекувалната во текот на својата богата кариера. Сепак, една идеја се издвојува од сите останати, Меси и Роналдо рамо до рамо, во дресот на истиот тим.

Според информациите на аргентинските медиуми, претседателот на Бока Јуниорс, Хуан Роман Рикелме, веќе дал начелна согласност за користење на стадионот. Тоа е важен чекор кон реализацијата на настанот, но најголемото прашање сè уште останува отворено: дали двете суперѕвезди ќе ја прифатат поканата?

Тевез има посебна врска со двајцата фудбалери. Со Роналдо настапуваше во Манчестер Јунајтед, каде што заедно освоија две титули во Премиер лигата и ја покорија Европа во 2008 година, триумфирајќи во Лигата на шампионите по драматичното финале против Челси.

Со Меси, пак, со години ја делеше соблекувалната на аргентинската репрезентација. Заедно настапуваа на Светските првенства во 2006 и 2010 година, како и на Копа Америка. Токму поради тие заеднички моменти, Тевез сонува за средба која би била вистински подарок за фудбалските фанови ширум светот.

„Ако дојде до тоа, лично ќе одам да го побарам Роналдо“, порача Тевез, јасно покажувајќи колку многу сака Португалецот да биде дел од неговото големо збогување.

Засега, сè останува на желбите и преговорите. Но, замислете го само моментот: Меси и Роналдо во ист тим, на преполната „Ла Бомбоњера“, на прошталниот натпревар на човекот кој имаше привилегија да игра покрај двајцата.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×