Квича Кварацкелија доби огромни пофалби по блескавото издание за ПСЖ во Лига на шампиони, откако францускиот шампион го совлада Баерн во спектакуларен натпревар.
Легендарниот Кларенс Сидорф беше воодушевен од настапот на Грузиецот и не штедеше зборови за неговите квалитети.
„Кварацкелија е најдобар играч во светот и ќе биде уште подобар. Не знам дали ќе остане на левата страна затоа што едноставно знае што треба да направи во секоја ситуација. Во одредени моменти ја носи екипата и затоа ми се допаѓа неговата интелигенција. Тој е дополнителен играч во средниот ред, а истовремено во нападот прави разлика. Неверојатен е.“
Кварацкелија е клучен дел од тимот на Луис Енрике и од доаѓањето од Наполи се наметна како лидер во офанзивата на парижани. Оваа сезона во Лигата на шампиони има учинок од 10 голови и 5 асистенции.
И покрај интересот од Арсенал, во Париз немаат намера да се откажат од својот најсилен адут, кој веќе се смета за недопирлив во проектот на клубот.