Фердинанд не штедеше критики, жестоко „удри“ по Манчестер јунајтед

by Стефан
1 минути читање

Легендата на Манчестер јунајтед, Рио Фердинанд, не се воздржа по поразот на својот поранешен клуб во финалето на Лигата на Европа. Според него, „црвените ѓаволи“ не покажале доволно за да го заслужат пехарот.

Во финалниот натпревар кој се одигра во Билбао, Тотнем славеше со 1-0, а иако тимот на Рубен Аморим имаше теренска иницијатива во второто полувреме, тоа не беше доволно за израмнување и евентуално враќање во игра.

Со овој пораз, Манчестер јунајтед ја изгуби шансата за учество во Лигата на шампионите следната сезона што е уште еден удар во една веќе разочарувачка сезона.

„Катастрофална сезона, со крај кој само го потврдува тоа. Искрено, не мислам дека Јунајтед направи доволно за да го освои трофејот“, изјави Фердинанд, кој беше дел од стручниот коментаторски тим на англиските медиуми заедно со својот поранешен соиграч Пол Сколс.

Поранешниот капитен на Јунајтед не го криеше своето разочарување од играта на својот поранешен тим.

„Немаше вистинска острина во нивната игра. Целиот тој притисок што го создадоа беше бесмислен Голманот на Тотнем, Вика̀рио, имаше само една интервенција во цел натпревар. Со таква резервираност не се освојуваат трофеи. Требаше да бидат многу поконкретни“, додаде Фердинанд.

Манчестер јунајтед ја завршува сезоната в недела, кога на „Олд Трафорд“ ќе ја пречека Астон вила во последното 38. коло од Премиер лигата. Тимот моментално се наоѓа на 16. позиција, резултат кој најдобро ја отсликува една од најлошите сезони во поновата историја на клубот.

Фото: Manchester United/X

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2025 – Сите права задржани